Рисот Нони – првиот балкански рис кој носи ГПС во Јасен
Минатата сабота, 20.02.2021 година во Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменско подрачје "Јасен" за прв пат беш
е заловен балкански рис за научни цели. Рисот го доби името Нони и представува првиот балкански рис кој е заловен надвор од јадровото подрачје на Маврово и околината. Се работи за млад мажјак на возраст од околу 3 години со тежина од 22 килограми.На рисот му беше земена крв за генетски анализи, како и биометриски податоци за споредба со другите рисови и му беше поставен ГПС околу вратот.
Поминаа 11 години откако ЈПУЗПП "Јасен" заедно со Македонското еколошко друштво (МЕД) започнаа соработка со цел мониторинг и истражување на популацијата на балканскиот рис на ова подрачје . По неколкуте успешни сесии со фотозамки во раните почетоци на соработката, двете организации се обидоа да заловат рис уште во 2011 година, но овие напори беа безуспешни. Во 2020 година , со помош на опремата на Јасен , се укажа на тоа дека рисот повторно е вратен во подрачјето и ги населува прекрасните живеалишта на потегот Кула – Селиште.
Иако соработката со ЈПУЗПП "Јасен" и МЕД трае повеќе од 10 години таа беше возобновена во 2020 година благодарение на заложбите и ентузијазмот на директорот Новица Зечевиќ. Рисот беше обележан од страна на тројца членови на тимот од МЕД со поддршка на еден ловочувар од "Јасен" и двајца стражари од Германија и Франција. Активноста за воспоставување на мониторинг на рисот во ЈПУЗПП "Јасен", МЕД ја спроведе во рамките на проектот "Подобрување на управувањето со заштитните подрачја" а беше финансирано од страна на Европската Унија , а го спроведе УНДП со подршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Засега знаеме дека на ова подрачје освен рисот Нони живее и уште еден рис. Прелиминарните резултати од сесијата со фотозамки и фактот што двата риса делат слична територија , укажуваат на тоа дека се работи за женка. Да се надеваме дека овие два пионери ќе основаат семејство и дека прекрасното подрачје Јасен повторно ќе биде дом на генерации балкански рисови.
*Текстот е преземен од Македонско еколошко друштво (МЕД).